Гвинеја ја победивме без да се испотиме, сега нѐ чекаат нови три меча во Вараждин! (ФОТО)

Македонската репрезентација очекувано дојде до убедлива победа против Гвинеја (29-20) во последниот меч од првата фаза на СП во Вараждин, со што го потврди пласманот во следниот круг каде што ќе влеземе од третата позиција во групата и ќе пренесеме еден бод од ремито со Унгарија.

Ова беше само полесен тренинг за избраниците на селекторот Кирил Лазаров, кој очекувано многу комбинираше со составот и кој им даде поголема шанса на резервистите со цел да ги сочува силите на носителите на играта пред следните три средби во хрватскиот град на брегот на реката Драва. Отпорот на селекцијата од Африка траеше само дваесетина минути, во кои нашите момци делуваа по малку збунето, па Гвинејците дури и водеа со 7-6. Тоа како да ги подналути жолто-црвените, кои потоа направија серија 7-1 за прво посериозно водство (13-8), кое потоа само беше зголемувано.

Крајната позитива секако можеше да биде поголема, но македонските ракометари не форсираа премногу, со цел да не се изложат од ризик од можни повреди и преголем замор. Филип Кузмановски одново одигра капитенски и со 12 голови беше најпрецизен во македонскиот состав, додека зад него беа Никола Костески и Павле Атанасијевиќ со по четири погодоци.

Македонија останува во Вараждин и веќе задутре (вторник) ќе ги одмери силите со селекцијата на Австрија (18 часот). Следните два меча се в четврток и в сабота кога ќе ги одмериме силите со Катар односно Франција, двете од 20.30 часот. Пласман во четвртфиналната фаза ќе обезбедат само двете првопласирани на табелата од шест репрезентации.