„Црно-бела“ доминација: Партизан ја уништи Олимпија Милано

Ако пред една недела беше отпишан од борбата за пласман во разигрувањето од Евролигата, Партизан се враќа на голема врата во борбата за топ-10.

Пред два дена го победи Асвел, а вечерва ја уништи Олимпија Милано, екипи од кои загуби во првата полусезона на домашен терен. Партизан славеше во Форум арената со 90-70 и си ги задржа шансите за пласман барем во плејинот од Евролигата, а што е многу важно, победи со повисока разлика отколку што загуби од Олимпија Милано и ќе има предност во случај на исто биланс на крајот од сезоната.

Импресивно второто полувреме кое Партизан го доби со 53-30 и тука беше направена клучната разлика. Во последната четвртина Олимпија Милано успеа да постигне само 12 поени што е премалку за екипа која е преполна со ѕвезди.

Партизан ги имаше тројцата најдобри стрелци на мечот: Стерлинг Браун со 26, Карлик Џонс со 24 и Тајрик Џонс со 20 поени. Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ повторно не беше во составот на Олимпија Милано.