Пелистер вечерва против Тиквеш ќе игра за децата со попреченост од Битола!

Екипата на Пелистер вечерва ќе го пречека Тиквеш (18.30 часот) во меч од 12. коло од Првата лига, во кој освен што ќе атакува на четвртата победа по ред ќе одиграат и за децата со попреченост од Битола.

Управата на клубот реши приходот од овој натпревар да биде дониран на Ресурсниот центар за деца со попреченост „Кочо Рацин“. Сезонските билети нема да важат, а сите посетители со купена влезница ќе придонесат за оваа благородна акција.

„На последниот тренинг имавме можност да се дружиме со дечињата од Ресурсниот центар, што беше навистина емотивно искуство. Оваа иницијатива е најмалку што можеме да направиме за нив. Најголемата вредност е да покажеме човечност и поддршка во моменти кога тие најмногу ја потребуваат,“ изјави Марјан Илиевски, член на управата на КК Пелистер.

Ова е последен натпревар за битолчани оваа година, во која беа на чекор до трофејот во Купот на Македонија (примија кош во последната секунда) и повторни играа финале во плејофот, во кое беа совладани од МЗТ Скопје.