Панатинаикос и Партизан ќе играат во Австралија

Откако во септември годинава играа пред околу 40 илјади гледачи во Атина, Панатинаикос и Партизан во 2025 година ќе се сретнат во Мелбурн.

Грчкиот тим одлучи традиционалниот турнир „Павлос Јанакопулос“ да го одржи во Австралија поради бројната грчка заедница во оваа земја, а еден од гостите ќе биде братскиот клуб од Белград. Првиот човек на Партизан, Остоја Мијаиловиќ вчера најави изненадување за навивачите, но медиумите брзо открија за што се работи.

„Двете екипи ќе одат во Австралија од 18 до 23 септември 2025 година, на турнирот 'Павлос Јанакопулос'. Партизан и Панатинаикос ќе се сретнат на 18 септември во Мелбурн, а своето партнерство ќе го продолжат и по Австралија“, објавија грчките медиуми.

Единственото прашање кое се наметнува во моментов е со какви состави ќе отпативаат двете екипи во Австралија бидејќи Европското првенство идната година завршува на 14 септември.