„Овој Ливерпул многу личи на Манчестер Јунајтед – ама тој од времето на Фергусон!“
Според него, најголем квалитет на составот од „Енфилд“ е тоа што во текот на еден натпревар може да применува различни стилови на игра.
„Оваа екипа на Ливерпул во одредени аспекти ме потсетува на Манчестер Јунајтед за кој јас играв. Го гледам Трент Александер-Арнолд од десната страна како Дејвид Бекам – испраќа неверојатни центаршутеви. Има многу трчање, многу луѓе кои се движат напред. Но, она што најмногу се истакнува е разновидноста на играта. Во еден натпревар, тие применуваат три или четири различни стилови – долги топки, контранапади, компактен фудбал. Почнуваат со висок пресинг, а потоа целосно се трансформираат. Оваа флексибилност е нивната голема предност“, анализира Невил.
Тој додаде дека Ливерпул го изненадил оваа сезона со својата способност за адаптација и зрелост на теренот.
„Мислев дека играчите стануваат роботизирани, правејќи само она што им го кажува тренерот. Но, оваа екипа на Ливерпул покажува независно размислување – знае што бара еден натпревар. Тоа ме потсетува на нас. Ливерпул е многу подобар отколку што мислев дека ќе биде оваа сезона,“ дополни Невил.
Ливерпул моментално е лидер на табелата во Премиер лигата со 39 бода, четири повеќе од Челси, и има натпревар помалку од своите ривали.