Барса ја изгуби магијата: Втор пораз по ред на „каталонците“ на домашен терен (ВИДЕО)

По првите 12 кола од Ла Лига, Барселона имаше 11 победи и еден пораз. Оттогаш „каталонците“ одиграа шест меча и остварија само една победа, а вечерва го доживеаја вториот пораз по ред на домашен терен откако загубија од Леганес со 0-1.

Пред ова коло, мадридскиот тим се наоѓаше на еден бод над зоната за испаѓање што беше уште еден фактор за фаворитската улога на Барселона. Сепак, натпреварот остана како уште еден доказ дека Барса ја загуби својата магија и прашање е дали ќе усшее да ја заврши како лидер, макар и со натпревар повеќе од ривалите.

Единствениот гол на мечот беше постигнат во четвртата минута, а беше дело на Гонзалез. Барселона потоа воспостави тотална доминација, имаше 80% посед на топка, но не успеа да го најде патот кон мрежата. Најголемата шанса ја имаше Рафиња во првото полувреме кога со бомба ја погоди конструкцијата од голот, но не го совлада голманот на Леганес.

Барселона и натаму е лидер, но само поради тоа што има натпревар повеќе во однос на ривалите Атлетико и Реал. Идната недела го пречекува токму Атлетико и ако не најде нова инспирација, многу веројатно ќе ја заврши годината на третата позиција, нешто што беше незамисливо пред еден месец.