Чаир 2030 за секој свој пораз ги обвинува - судиите!

Веќе стана традиција, Кошаркарскиот клуб Чаир да не признава ниеден пораз, без разлика дали станува збор за пријателски или официјален натпревар.

За сите негови неуспеси се виновни судиите, така беше минатата недела во Битола, а така е и вечерва откако на домашен терен загуби од МКК Куманово. Преку соопштение, објавено на социјалните мрежи, чаирчани ја посочија судиската тројка во состав Зоран Митровски, Никола Јакимовски и Јордам Червенка, како и претседателот на КФМ, Перо Антиќ.

„Денес, КК Чаир 2030 беше поразен со тесен резултат од 91-95 на натпреварот кој се одигра во нашата сала Шабан Трстена против МКК Куманово. За жал, ова не беше фер спортски дуел, туку натпревар манипулиран од неправедно и тенденциозно судење.

Судењето од страна на судиите Зоран Митровски, Никола Јакимовски, и Јордан Червенка, кои постојано се делегираат од Кошаркарската Федерација предводена од Перо Антиќ, беше јасен показател за задкулисните игри кои имаат за цел да го оштетат нашиот клуб. Истите судии ја водеа и минатонеделната средба против КК Пелистер, уништувајќи го дербито и лишувајќи нè од фер и коректен натпревар.

 

 

Без разлика на оваа неправда, сакаме од срце да му се заблагодариме на нашaта неверојатна публика кој со душа нè поддржуваше во текот на целиот натпревар. Ви се извинуваме за овој резултат и ви ветуваме дека КВ Чаир 2030 ќе се врати уште посилен, борејќи се за местото кое со право ни припаѓа!“, напиша КК Чаир 2030.

За јавно коментирање на судењето, според актите на Кошаркарската федерација на Македонија, предвидени се жестоки казни, па поради тоа за очекување е и Чаир 2030 сега да добие парична казна. Судиската тројка вечерва беше под постојан притисок од членовите на стручниот штаб на домашниот тим, а по натпреварот Ерхан Рамадан се обиде и физички да се пресмета со арбитрите кои, за среќа, имаа помош од полицијата.