Гостите славеа на првите два денешни меча од кошаркарското првенство

Двата натпревара со кои почна десеттото коло од Првата македонска кошаркарска лига завршија со победи на гостинските екипи.

Пелистер во третата четвртина го скрши отпорот на Вардар и го победи во Кале со 90-59 за седма победа во првенството. Тој трет период заврши во корист на битолскиот тим со 30-14, па во пресрет на последните десет минути беше 59-34 за актуелниот вицешампион. Ташовски беше најдобар играч на Пелистер со 19 поени и 10 асистенции, а дабл дабл остварија уште Бојиќ (16 поени, 11 скока и Крстевски (12 поени, 10 скока). Најдобар играч на Вардар беше капитенот Бајрам со 17 поени.

На стотина метри од дуелот меѓу Вардар и Пелистер се играше натпреварот на Шкупи и Кожув на кој славеше гевгелискиот тим со 81-68. Кожув нешто порано, во втората четвртина направи висока предност, на полувреме замина со 44-32, па во второто полувреме успеа да го сочува водството и да дојде до шестиот триумф во сезоната. Пилепиќ постигна 26 поени за Кожув, а Хауард оствари дабл дабл со 13 поени и 15 скока. Кај Шкупи, Златевски броеше до 14 поени.