Револуција во боксот: Во борбата на Усик и Фјури ќе се користи и - вештачка интелигенција!

В сабота во саудискиот Ријад за три од четирите големи појаси за светски шампион ќе боксуваат Олександар Усик и Тајсон Фјури.

Предвидено е борбата да започне во 22 часот, а во неа Усик влегува како светски шампион додека Фјури ќе се обиде да му се реваншира за поразот во првата борба на 17 февруари оваа година.

Саудискиот промотор Турки Алашик кој е десна рака на принцот Мухамед Бин Салман и важи за алфа и омега во саудискиот спорт на социјалните мрежи објави револуционерна вест.

Имено, тој потврди дека во борбата помеѓу Усик и Фјури за првпат ќе се користи вештачка интелигенција во бодувањето. Како што истакна Алашик на тој начин бодувањето ќе биде „непристрасно и без можност за човечка грешка“.

Но, исто така напомена и дека резултатите од вештачката интелигенција нема да влијаат на официјалните резултати од борбата.