Се успал пред финалето, а потоа напиша историја – најмлад американски олимписки првак

Американскиот тинејџер Ред Џерард го одбележа првиот олимписки викенд по отворањето на ЗОИ во Пјонгчанг откако стана најмладиот олимписки шампион во историјата на САД со едвај полни 17 години.

Џерард на САД им го донесе првото злато во Пјонгчанг, во сноуборд, во дисциплината „слоупстајл“, но неговата шампионска приказта е и бизарна, а богами и луда. Тој по првото возење бил 11-ти, но на второто ги воодушевил судиите со фантастичната серија на потези и со тоа стана најмлад Американец кој успеал да освои златен медал на едни ЗОИ:

Но, малку недостигало, неговиот олимписки сон да се распрсне како меур од сапуница. Ред се успал пред својот настап. Се занел на популарната мрежа „Нетфликс“ и си гледал ТВ-серии, па поради тоа и доцна си легнал. Алармот наместен за шест часот наутро не го ни слушнал.

Но, сето тоа не го спречило на крај да се појави и да стигне до златото. Џерард стана прв олимпиец роден во новиот милениум, после 1 јануари 2000 година, кој освоил златен медал, Уште од најмала возраст бил посочен како чудо од дете. На девет месеци проодел, на две години се качил на сноуборд, а од шест години од место го правел популарниот „бекфлип“.

Инаку член на американскиот тим е од пред четири години, со навршени 13 години.