Машинеријата од Париз продолжува да меле, Шортс пак прв стрелец

Францускиот вицешампион Париз ја оствари и деветтата победа во низа и сега е осамен на челната позиција на табелата во Евролигата откако денеска загуби Фенербахче со кого го делеше првото место.

Париз славеше на гостувањето кај Макаби во Белград со 93-81 и уште еднаш потврди дека досегашните резултати во елитното натпреварување не се случајни. Во текот на целиот натпревар, францускиот тим само еднаш се најде во негатива и тоа во почетната фаза кога губеше со 3-4.

Во вториот период +19 (47-28), во третиот Париз имаше водство и од 21 поен, а најмногу што успеа да се доближи Макаби беше на осум разлика во финишот од натпреварот.

Македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс повторно беше најдобар играч на натпреварот. Постигна 22 поена и 8 асистенции за индекс 23 и потврда на одличната форма и признанието за играч на месецот кое го доби вчера.