Гвардиола во војна со Енфилд: Каде бевте минатата сезона?

Манчестер Сити се наоѓа во најлоша форма откако Пеп Гвардиола е на клупата и слободно може да се каже дека уште сега е надвор од борбата за шампионската титула во Премиер лигата.

По 13 кола, екипата има 11 бода минус во однос на Ливерпул и падна дури на петтата позиција на табелата. Денешниот пораз на Енфилд беше шести во последните седум меча во сите натпреварувања, па домашните фанови му фатија сеир, скандирајќи му дека утре ќе добие отказ. На тоа Гвардиола одговори со шест прсти како алузија на шесте титули освоени со Манчестер Сити, а колку што Ливерпул нема во последните 40 години. И по мечот шпанскиот стручњак се осврна на војната со противничките навивачи.

„Зошто не почнаа да викаат на 1-0? Зошто тоа не го правеа минатата година кога ја освоивме Премиер лигата? Зошто сега сакаат да добијам отказ? Не го очекував тоа од Енфилд. Разбирам тоа да го прават клубови како Брајтон, но Енфилд... Можеби е тоа поради респектот што го уживаме. Знаат дека освоивме шест титули во Премиер лигата“, рече Гвардиола.

Шанса конечно да ја прекине ужасната серија, Сити ќе има в среда кога го пречекува Нотингем Форест, додека Ливерпул ќе има тешка задача против Њукасл.