Фудбалерката Салихи жестоко удри по тие што го палеа македонското знаме (ФОТО)

Синоќешниот гнасен чин на палењето на македонското знаме среде Скопје, за време на прославата на граѓаните од албанска етничка припадност на Денот на независноста на Албанија, предизвика огромен револт и кај спортистите, дури и кај тие што се од истата националност како и тие што се дрзнаа да го сквернават нашиот државен симбол.

Една од нив е фудбалската репрезентативка Афродита Салихи, единствена со повеќе од 100 настапи во жолто-црвениот дрес, која удри по извршителите на овој чин и при тоа им одржа лекција на националистите и од албанска и од македонска страна. Таа повика на соживот и на почитување на државата, нацијата, но и на законите, нормите и моралните вредности, барајќи казни за сите што згрешиле без разлика на нивната етничка припадност.

„Не е патриотски чин да се влече и пали знамето на друга националност, со што се поттикнува меѓуетничка омраза во една мултиетничка држава, во која живеат Македонци, Албанци, Турци, Роми, Босанци, Власи...Можеби не е лесно да се прифати фактот дека сите живееме заедно, живееме во земја во која сме посеале злоба и омраза едни кон други, а немаме емпатија и почит“, пишува меѓу другото Салихи, а целото нејзино обраќање може да го прочитате на приложената фотграфија.

Таа се уште е активна на фудбалскиот терен и покрај тоа што има 35 години, настапувајќи за второлигашот Кочани. Неодамна потсети на своите најдобри денови кога на една средба постигна дури 11 голови.