Официјално: Сејдини поднесе оставка од функцијата претседател на ФФМ!

Првиот човек на Фудбалската Федерација на Македонија, Муамед Сејдини, денеска по натпреварот со Фарските Острови, ја објави оставката која му беше ковертирана пред десетина дена. Неговиот наследник ќе биде избран на 22 декември, на редовно Изборно Собрание на ФФМ. 
 

Оставката Сејдини ја потврди преку соопштение на сајтот на федерацијата, каде што не пропушти шанса уште еднаш да се испофали... 

“После седум извонредни години исполнети со историски достигнувања, решив да се повлечам од позицијата претседател на Фудбалската федерација на Македонија.

Одлуката е резултат на моето размислување дека дојде момент за промена, после период што ќе остане запаметен како најуспешен во историјата на нашиот фудбал.

Заедно со вас, испишавме златни страници за македонскиот фудбал: историското учество на Европското првенство ЕУРО 2020, второ место во квалификациската група за Светско првенство и незаборавната победа над Италија во Палермо, успесите во Лигата на нации со пласман во Лига Б и реализацијата на бројни инфраструктурни проекти во соработка со УЕФА и ФИФА.

Ја напуштам оваа позиција со гордост и огромна благодарност до сите кои придонесоа за овие успеси: фудбалерите, селекторите, клубовите, инвеститорите, администрацијата, членовите на Управниот одбор и секој љубител на фудбалот.

Јас ќе продолжам да ја извршувам својата улога до 22. декември, кога на Вонредно Собрание ќе биде избран мојот наследник.

Со целосна верба во иднината на Федерацијата и македонскиот фудбал, од срце ви благодарам за поддршката и соработката во изминатите години”. 

Со почит и благодарност, Муамед Сејдини