Чаир со две победи до историски успех - пласман во осминафиналето на Европскиот куп

Женскиот ракометен клуб Чаир обезбеди пласман меѓу 16. најдобри во ЕХФ Европскиот куп откако со две победи го елиминира португалскиот претставниик Колегио де Гаја.

Двата меча се одиграа во Скопје, вчера и денеска, а чаирчанки ги добија со вкупно шест гола разлика. По вчерашниот триумф со 29-25, денеска славеа и со 28-26 за најголем успех во клупската историја.

Триумфот на македонскиот тим во ниеден момент не беше доведен во прашање, во 13. минута беше 7-4, а на полувреме се замина со 14-9, резултат кој заедно со победата од вчера му донесе на Чаир предност од вкупно девет разлика. Се беше готово на десетина минути пред крајот кога нашиот прволигаш поведе со 24-16 по што следуваше мало опуштање и тоа го искористија Португалките за да го ублажат поразот.

Стефанија Ѓорѓиевска со 10 гола беше најефикасна во тимот на Чаир, Теодора Дукоска постигна 7, а Гуличоска и Дамческа по три.