Суровиот Синер повторно без милост кон Фриц

Првиот светски рекет Јаник Синер заработи уште 200 бода на завршниот Мастерс во Торино откако во второто коло го совлада Тејлор Фриц со 2-0 (6-4, 6-4).

Американецот му беше ривал и во финалето од УС Опен, но ни тогаш, а ни сега не успеа да освои сет. Синер беше подобар, а на идентичен начин дојде до двата сета и победа која го носи на милиметри од пласман во полуфиналето бидејќи во третото коло против Медведев му е доволен само еден сет.

Во двата сета имаше по еден брејк и тоа во последниот, десетти гем. Во првиот сет Синер испушти три брејк топки во осмиот гем, но ја реализира четвртата, при негово водство од 5-4. Во вториот сет имаше само една брејк топка, во шестиот гем, но повторно при 5-4, Италијанецот заигра сигурно и стави точка на натпреварот.

И покрај поразот, Фриц е на чекор од пласман во полуфиналето бидејќи во последното коло ќе игра со аутсајдерот Де Минор.