Кожув реагира: Битолски срам на кошарката во режија на Илиевски!
Гевгеличани го посочуваат Марјан Илиевски како главен виновник за она што се случуваше во Битола, а за што вицешампионот доби парична казна од 84 илјади денари од Комесарот за натпреварување, Александар Милојевиќ.
„БИТОЛСКИ СРАМ НА КОШАРКАТА ВО РЕЖИЈА НА МАРЈАН ИЛИЕВСКИ
На ден 02.11.2024 во Битола се одигра натпревар во рамките на првата македонска кошаркарска лига помеѓу КК Пелистер и КК Кожув. Натпреварот имаше низа пропусти од организациски аспект,а заврши со силеџиското однесување и физички напад од страна на претставникот на КК Пелистер,Марјан Илиевски на првиот тренер на КК Кожув.
Со купени влезници членовите на управата на КК Кожув се држени на врата 20 мин.,а потоа спроведени во делот каде седи битолската публика. Во 38 мин.од натпреварот кога КК Кожув го превзема водството 77-79 на трибината физички е нападнат член на управата на КК Кожув,а веќе во 39 мин. следува прекин на натпреварот. По завршување на натпреварот претставникот на КК Пелистер, Марјан Илиевски во службените простории физички го нападна тренерот на КК Кожуф“, се вели во соопштението.
Целиот случај, како што велат гевгеличани, е пријавен во полиција и во моментов трае постапката против Пелистер.
„За настанот има пријава во МВР, направен е записник и очекуваме надлежните да постапат согласно законските регулативи. Марјан Илевски Мац е срам за КК Пелистер и Битола, град со долга спортска традиција. Неговото однесување и неговата режија нема да ги наруши пријателските односи со КК Пелистер кои се од 2010 година, периодот кога КК Пелистер остана без главниот спонзор.
На крајот, сакаме да им ја честитаме победата на играчите на КК Пелистер и им посакуваме успешна сезона. Благодарност до судиската тројка за фер и коректното судење на натпреварот КК Пелистер - КК Кожув
Со почит КК Кожув Гевгелија“, пишува во реакцијата од поранешниот вицешампион на Македонија.