Димитријевиќ: Постигнав 43 поени, но тоа не значи ништо бидејќи загубивме од Литванија

Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ одигра одличен меч против Литванија и постигна 43 поени, но се повреди во завршницата на дуелот и тоа му овозможи на ривалот да запише триумф од 94-72.

Димитријевиќ по натпреварот кажа дека е горд на неговите соиграчи за прикажаната борба на теренот, но им честиташе и на ривалите за големата победа.

„Имаше голема битка на теренот, одигравме одлично прво полувреме, дозволивме офанзивни скокови на противникот, но ја контролиравме играта. Во вториот дел нè натскокаа и беа подобри од нас во секој сегмент. Ја искористија физичката предност, погодија отворени шутеви, играа на домашен терен и тоа им помогна многу. Литванија е одличен тим и јас им честитам, но се боревме со нив 40 минути и јас сум многу горд на тимот. Не е важно што постигнав 43 поени, не победивме и затоа не сметам дека ова е најдобар натпревар во мојата кариера. Ситуацијата во европската кошарка е таквга што мораме да брзаме од еден на друг натпревар. Се надевам дека ФИБА и Евролига ќе најдат заедничко решение за доброто на сите.“, кажа Димитријевиќ.