Поранешниот македонски и европски шампион Вардар славеше во скопското дерби против градскиот ривал Алкалоид со 29-27 и се израмни со лидерот на табелата во Суперлигата.

„Црвено-црните“ го почнаа мечот со серија од 3-0, но набрзо Алкалоид го возврати ударот и направи целосен пресврт (7-6). Големата борба продолжи до крајот на првиот дел, а на паузата со два гола предност замина Вардар (15-13).

Возбудливо беше и во второто полувреме, каде што на стартот се играше гол за гол, по што Алкалоид стигна до израмнување (19-19).

Екипата од Автокоманда направи неколку грешки по ред во нападот во финишот од дуелот, а тоа знаеше да го искористи Вардар кој создаде водство од три гола (25-22), по што го зачува до крајот и триумфира со 29-27.

По истекот на времето, домашните имаа шанса да победат со три разлика, но младиот голман Галевски го одбрани пеналот на Срдановиќ, што може да биде многу важна предност во продолжението од првенството со оглед на тоа што на првиот меч во Автокоманда, Алкалоид славеше со три разлика (33-30).

Најефикасен во победничкиот тим беше Хориха со седум постигнати голови, додека Марко Митев запиша пет погодоци за Алкалоид.