Нено да не се повредеше ќе урнеше рекорд на Наумоски стар дури 27 години (ВИДЕО)

Кога еден од најдобрите европски кошаркари во својата генерација, Петар Наумоски, одигра меч за паметење во ноември 1997 година, кога постигна 49 поени во триумфот на Македонија против Полска (79-72), тешко дека некој помислил дека би дошол ден кога овој историски рекорд би бил соборен.

Такво нешто беше на чекор да се случи вечерва во Клаипеда, каде што литванските фанови видоа една НБА-партија од нашиот Ненад Димитријевиќ, кој им го полнеше кошот од секоја позиција. Тој беше несопирлив, постигна 43 поени, а имаше уште шест минути за играње, доволно да се надмине остварувањето на популарниот Пеце. Но, бекот на Армани Милано немаше среќа. Во 34. минута го повреди мускулот на ногата и мораше да биде однесен на раце на клупата, со што паднаа во вода како неговите шанси за рекордна индивидуална ноќ, така и за ново македонско чудо среде Литванија.

Нено до крајот не влезе во игра, Македонија загуби убедливо, па рекордот на Наумоски останува на сила. Колку за утеха, во продолжение уживајте во сите поени на Димитријевиќ во Клаипеда.