Гробари губат трпение: Жељко, спаси нѐ или замини си веќе од нашиот Партизан!
Црно-белите повторно загубија во неизвесна завршница, како што се случи и против Монако и Виртус во Белград. По натпреварот, критиките беа насочени кон играчите, кои во клучните моменти промашуваа и губеа топки, а особено на удар беа Вања Маринковиќ и Френк Ниликина. Дел од фановите не го поштедија ниту Жељко Обрадовиќ. Легендарниот тренер, кој од своето враќање во Партизан беше речиси без сериозни критики, оваа сезона ја губи довербата од дел од навивачите, кои почнуваат отворено да бараат промена.
Тензиите се забележуваат и во коментарите на официјалните објави на клубот на социјалните мрежи. Навивачите се поделени – некои сè уште ја поддржуваат работата на Обрадовиќ, додека други сметаат дека е време за негова замена.
Дел од коментарите на разочараните навивачи:
„Може ли некој да ми одговори на неколку прашања, бидејќи очигледно не разбирам кошарка, а ја играв 20 години. Прво, зошто натпреварите последниве пет години се играат со само 6-7 играчи? Второ, зошто имаме само два напади и тие не можеме да ги реализираме правилно? Трето, зошто позицијата плејмејкер ја игра бек-шутер? Четврто, зошто ги губиме натпреварите на ист начин, со исти грешки?“
„Жељко, имаш морална обврска да поднесеш оставка.“
„Жоц, ниту ти, ниту играчите, ниту тимот не сте подготвени за тесни завршници. Не е срамота да се побара совет од Вујошевиќ.“
„Дојде време за промена, веќе не можеме да гледаме како губиме на истиот начин. Ова е срам за клубот.“
Додека некои навивачи повикуваат на трпение и веруваат дека Обрадовиќ ќе успее да ја врати формата на тимот, други бараат итни промени. Овие реакции ја отсликуваат зголемената недоверба кај дел од навивачите, кои се незадоволни од начинот на кој се води тимот во тековната сезона.