Партизан ја загуби драмата во Париз, четврти пораз по ред во Евролигата!

Партизан го нанижа и четвртиот загубен меч по ред во Евролигата откако вечерва со 74-71 беше поразен од Париз.

Натпреварот беше крајно неизвесен, таква беше и неговата завршница по која се радуваа кошаркарите на Париз. Партизан имаше водство од 71-70, но домаќините реализираа четири слободни фрлања и дојдоа до триумф од 74-71.

Македонскиот репрезентативец ТиЏеј Шортс натпреварот го заврши со 13 поени, имаше и осум асистенции, најефикасен во составот на Париз беше Нифи со 17 поени.

Во составот на Партизан, Карлик Џонс беше најефикасен со 20 поени, Маринковиќ реализираше 16.