Мега-дерби во Ѓорче: Македонија ја пречекува Брегалница

Денеска на програмата е 11. коло од Втората македонска фудбалска лига, а најголемо внимание привлекува дербито што треба да се игра на стадионот во Ѓорче Петров.

На мегдан излегуваат најдобрите две екипи во второлигашка конкуренција во досегашните 10 кола, Македонија и Брегалница. Штипскиот тим е единствен без пораз со седум победи и три нерешени резултати. На терен пораз нема ниту Македонија, но тимот од Ѓорче Петров службено го загуби мечот против Новаци во септември затоа што го прекрши правилото за младинец на терен. Тоа ѝ откина еден бод (натпреварот заврши нерешено), токму колку што заостанува зад Брегалница во моментов.

Минатата сезона двете екипи настапуваа во прволигашка конкуренција, но ги освоија последните две места на табелата и испаднаа во понизок ранг. Трите меѓусебни пресметки тогаш ги доби Македонија ЃП која е и далеку поуспешна во дуелите со Брегалница. Штипјани немаат победа во Ѓорче Петров повеќе од 25 години.

Исходот од натпреварот во Скопје со големо внимание ќе го очекува Башкими кој има шанса денеска дури и да го преземе првото место на табелата во Втората лига. Тимот од Куманово заостанува бод зад Брегалница и има ист биланс како Македонија ЃП, па со триумф над Осогово и евентуално реми во Ѓорче Петров ќе застане на чело.

ДВОЈКИ ЗА 11. КОЛО - 13:00 ЧАСОТ
Арсими - Детонит
Башкими - Осогово
Беласица - Кожуф
Борец - Вардар Неготино
Македонија ЃП - Брегалница
Новаци - Каменица Саса
Охрид - Скопје
Победа - Вардарски