„Вечните“ ривали во македонската кошарка повторно на мегдан

Скопските екипи Работнички и МЗТ Скопје ќе го одбележат третото коло од Првата македонска кошаркарска лига.

Од 18 часот во Кале, тимот од Градски парк го пречекува актуелниот шампион во 166. меѓусебна пресметка. Работнички влегува во мечот како ко-лидер на табелата, без пораз, додека МЗТ Скопје минатата недела загуби на гостувањето кај Пелистер.

Освен тој неуспех, актуелниот шампион сезонава загуби и од Цедевита Јуниор во АБА 2, но тимот имаше една недела да се консолидира, да се одмори и да се подготви за можеби последниот тежок дуел во првиот дел од сезоната, кога станува збор за домашното првенство. Зад Работнички е турбулентен период во кој прво се соочи со финансиски проблеми, потоа со заминување на двајца важни странски кошаркари и на крајот убедливи порази во АБА 2 лигата. И покрај тоа, триумфираше во првите две кола од домашниот шампионат иако е јасно дека претходните противници Феникс и Шкупи се далеку од нивото на МЗТ Скопје. 

Последните години МЗТ Скопје апсолутно доминира во дуелите со својот градски ривал. На последните десет меѓусебни пресметки, Работнички оствари само една победа и тоа минатата сезона како гостин, во салата „Назависна Македонија“ во Кисела Вода. На домашен терен, 15-кратниот шампион не победил од 1 ноември 2020 година. Денешниот дуел доаѓа шест недели по пресметката на турнирот во организација на ТФТ кога МЗТ Скопје дојде до убедлив триумф од 67-52. Кога станува збор за вкупниот биланс, денешниот меч е вкупно 166. меѓу Работнички и МЗТ Скопје, а тимот од Градски парк води со 92-73.

Денеска се игра и првото чаирско прволигашко дерби меѓу екипите на Чаир и Шкупи кое се игра вечерва од 19 часот во салата „Шабан Трстена“. Интересно е што тоа ќе биде пресметка на лидерот со последнопласираниот тим на табелата.

ДВОЈКИ ЗА 3. КОЛО
ДЕНЕСКА
ТФТ - Кожув 13:30
Вардар - Феникс 16:00
Работнички - МЗТ Скопје 18:00
Тиквеш - Гостивар 18:00
Чаир - Шкупи 19:00
УТРЕ
Пелистер - МКК Куманово 19:00