Почнува новото кошаркарско првенство, сѐ освен титула на МЗТ ќе биде сензација

Четири месеци откако по 11. пат беше крунисан за шампион на Македонија, МЗТ Скопје денеска го почнува походот кон новиот трофеј во домашното првенство.

Со три меча во Кале, меѓу кои и оној на МЗТ Скопје против Шкупи, официјално почнува новата сезона во Првата македонска кошаркарска лига. Повеќе од една деценија, во неа доминира МЗТ Скопје кој 11 пати во последните 13 години беше првак со тоа што еднаш титулата му ја зеде Работнички, а еднаш не беше прогласен шампион поради пандемијата со корона вирусот.

И сега клубот од Аеродром влегува како прв фаворит за трофејот бидејќи го има шампионското трио во своите редови, составено од браќата Стојановски и Бојан Крстевски, а надополнето со четворица квалитетни странци за наши услови. Конкуренција може да му биде само Пелистер, како што беше случај претходните три сезони, но и во три натпреварувања во 2024 година во кои како победник повторно излезе МЗТ Скопје. Битолскиот клуб јасно ги постави целите за новата сезона - освојување на барем еден трофеј, но со оглед на тоа што загуби во Суперкупот, најголеми му се шансите за триумф во Купот на Македонија каде во февруари годинава загуби со кош во последните секунди.

Останатите екипи, вклучувајќи го и 15-кратниот шампион Работнички се далеку од квалитетот на финалистите од минатата сезона. Нивна главна цел ќе биде пласман во завршницата од плејофот и евентуално изненадување во Купот, по примерот на ТФТ од 2022 година.

Новата сезона носи неколку куриозитети, а не е исклучено да биде соборени и некои рекорди. Васко Атанасов има шанса да стане прв тренер во историјата на МЗТ Скопје со три шампионски титули и тоа во низа, што не му успеало на ниеден стручњак од осамостојувањето на Македонија. За конкурент оваа сезона ќе го има најуспешниот во историјата - Марин Докузовски кој првпат по 2019 година ќе води прволигаш и тоа дебитантот во елитата МКК Куманово. Докузовски е најтрофеен во Првата македонска лига со седум освоени титули, сите со Работнички. Предизвик ќе има и Дамјан Стојановски кој го брка десеттиот шампионски трофеј со што би се израмнил со неговиот брат Огнен и со Марјан Ѓуров кои се рекордери во моментов.

Новата сезона ќе се игра по системот од минатата. Во основниот дел има 22 кола по што почннува плејофот и плејаутот. Во плејофот се пласираат првопласираните осум екипи, додека останатите ќе се борат за опстанок. Почнувајќи од четвртинфиналето, се игра на три добиени натпревари, а во „најлош“ случај сезоната би завршила на почетокот на јуни.

ДВОЈКИ ЗА 1. КОЛО
САБОТА
ТФТ - МКК Куманово 13:00
Шкупи - МЗТ Скопје 16:00
Работнички - Феникс 19:00
НЕДЕЛА
Вардар - Гостивар 15:00
Тиквеш - Пелистер 18:00
Чаир - Кожув 19:00