Тиквеш ја прифати казната од ФФМ: Ќе преземеме мерки против виновниците!

Од редовите на Тиквеш веднаш по одлуката да бидат исфрлени од Купот на Македонија се огласи со соопштение во кое ја признаа грешката и најавија промени во своите редови.

Тиквеш беше исфрлен поради административен пропуст со фудбалерот Окере Ебубе Висдом, па поради тоа и покрај победата од 3-1 над Вардар го загубија натпреварот со службени 3-0 и така го завршија настапот за оваа сезона.

„ГФК Тиквеш ја информира јавноста дека ја прифаќа одлуката донесена од Фудбалската федерација на Македонија во врска со утврдената техничка грешка.

Како клуб со долгогодишна традиција, богата историја и голема одговорност кон своите навивачи и градот Кавадарци, сметаме дека е наша обврска да постапуваме транспарентно, одговорно и во согласност со фудбалските прописи.

Свесни сме за сериозноста на настанатата ситуација и за незадоволството што таа го предизвика кај нашите навивачи и поддржувачи. Клубот нема да бара оправдувања надвор од сопствените редови, туку целосна одговорност за направениот административен пропуст ќе ја бара во сопствените структури.

Во таа насока, раководството на ГФК Тиквеш ќе преземе конкретни мерки и ќе изврши промени во административниот сегмент кој е задолжен за водење, подготовка и контрола на официјалната документација и процедурите поврзани со натпреварувањето.

Нашата цел е ваквите пропусти никогаш повеќе да не се повторат, а работењето на клубот да биде на ниво што го заслужуваат името, традицијата и угледот на ГФК Тиквеш“, соопштија од тимот од Кавадарци.

Покрај исфрлањето, Тиквеш беше казнет и со парична казна од 1.000 евра.