Му се отвора патот на Ѓоковиќ: Зверев елиминиран во второто коло во Париз

Големо изненадување на Мастерс-турнирот во Париз! Александер Зверев, првиот носител и нов светски рекет број еден, доживеа елиминација уште во второто коло, откако беше совладан од Италијанецот Лоренцо Музети со 2-0 во сетови (7-6, 6-2).

Германецот имаше незгоден противник во Музети, но малкумина очекуваа дека неговиот настап во француската престолнина ќе заврши толку рано. Италијанецот одигра одличен натпревар, беше посигурен во клучните моменти и заслужено се пласираше во осминафиналето.

Првиот сет донесе голема борба и неизвесност, па победникот мораше да биде одлучен во тај-брејк. Таму Музети покажа поголема смиреност и го освои сетот, а потоа целосно ја презеде контролата врз случувањата на теренот. Во вториот сет Италијанецот направи два брејка и со убедливи 6-2 ја запечати победата, нанесувајќи му тежок удар на Зверев уште на неговиот прв настап откако официјално го презеде првото место на АТП-листата.

Овој резултат отвора дополнителен простор за Новак Ѓоковиќ во борбата за трофејот во Париз. Српскиот ас сега има можност да ја искористи елиминацијата на еден од главните фаворити, но најпрво ќе мора да го совлада Австралиецот Ринки Хиџиката во второто коло. Ѓоковиќ се наоѓа на истата страна од ждрепката со Зверев и нивниот потенцијален дуел беше планиран за четвртфиналето.

За Музети, пак, ова е уште една значајна победа во дуелите со германскиот тенисер. Со неа Италијанецот го подобри меѓусебниот биланс на 4-2, а во осминафиналето ќе се соочи со Французинот Лука Ван Аш.