Лазаров: Задоволен сум што заштедивме сили, нè чека пеколен меч со Грција!

Македонската ракометна репрезентација на најдобар начин ги започна квалификациите за Европското првенство во 2028 година, откако го декласираше Луксембург со 41-23. Избраниците на Кирил Лазаров ја оправдаа фаворитската улога, а уште во првото полувреме направија двоцифрена предност, по што рутински го приведоа натпреварот до крај.

Сепак, за македонскиот национален тим нема многу време за славје, бидејќи веќе в недела го очекува гостување кај Грција, во второто коло од квалификациите.

Селекторот Кирил Лазаров по натпреварот го пофали пристапот на своите ракометари, истакнувајќи дека е задоволен од играта и начинот на кој тимот функционирал во текот на сите 60 минути.

„Задоволен сум од момците, од нивниот пристап и ангажман. Немавме многу време за подготовка, но мислам дека сработивме добро. Имавме и нов играч кој за првпат беше со нас, па требаше да го вклопиме во системот. Задоволен сум од начинот на кој напаѓавме, иако секогаш може подобро“, изјави Лазаров.

Селекторот нагласи дека убедливата победа им овозможила на ракометарите да заштедат дел од силите пред следниот предизвик, особено ако се земе предвид напорниот клупски распоред и настапите во европските натпреварувања.

Но, вистинскиот тест допрва следува. Лазаров очекува тежок натпревар против Грција, селекција која ја оцени како квалитетна и сериозна, особено по нејзините добри резултати во претходниот период.

„Имаме три дена до натпреварот со Грција, каде што нè очекува пеколен меч против одлична репрезентација. Ќе пристапиме максимално сериозно и мораме да бидеме подготвени за сите можни сценарија. Ќе се обидеме психолошки да се подготвиме за она што нè очекува“, порача селекторот.

За Лазаров, покрај резултатот, особено важно е што Македонија успеала да го задржи темпото во текот на целиот натпревар.

„Не ми е најважен резултатот, туку пристапот и начинот на кој игравме. Имавме темпо во текот на сите 60 минути, што воопшто не е лесно за нашите македонски услови, без разлика што противник беше Луксембург. Им честитам на момците за сработеното“, заклучи Лазаров.

Покрај селекциите на Грција и Луксембург, ќе потсетиме во нашата група е уште Шведска.