Кузмановски: Играме модерен ракомет со добра одбрана и брза транзиција
Според Кузмановски, тимот ги исполнил поставените задачи, а добрата ротација овозможила да се зачуваат силите за она што следува.
„Како што кажав и пред почетокот на овие два натпревари, сметам дека се многу важни за нас. Имавме јасни задачи како треба да се однесуваме и како да ги користиме грешките на противникот. Сепак, поголемиот фокус беше насочен кон дуелот со Грција. Сите што настапија против Луксембург го дадоа максимумот, влеговме во добра ротација и немаме замор“, истакна капитенот.
Кузмановски верува дека Македонија е на вистинскиот пат и дека со ваков пристап може дополнително да напредува. Особено го радува начинот на кој функционираше екипата, со цврста одбрана и брза транзиција, елементи кои се карактеристични за современиот ракомет.
„Така треба да изгледа Македонија на теренот. Тоа е модерен ракомет, добра одбрана и брза транзиција. Како што кажав, овој тим ветува. Треба да одиме чекор по чекор, да се надградуваме и да продолжиме со самодоверба. Мислам дека имаме квалитет да покажеме уште повеќе во иднина“, порача Кузмановски.
Натпреварот против Грција, Македонија го игра за четири дена на 8 ноември со почеток од 16:00 часот. ж