Бурно деноноќие во Италија: Уапсени 19 навивачи на Интер и Милан

Миланската полиција вчера и денеска врши опсежна акција за апсење на лидерите на навивачките групи на Интер и Милан.

Од нив, 19 завршија зад решетки, но причината не се евентуални инциденти пред вечерашниот натпревар против Црвена Звезда во Лигата на шампионите, туку изнуда, уцени и поврзаност со клубовите кои ги притискаат за билети, а кои подоцна се препродаваат по многу повисоки цени. Накратко, криминални активности кои навивачките групи ги прават за лично богатење на водачите, а што е практика и во Македонија.

Миланските медиуми тврдат дека навивањето е само фасада, а дека во прашање е организиран бизнис. Навивачите сакаат да имаат контрола над дистрибуцијата на одредени производи кои би требало да бидат дел од клупскиот маркетинг, а со тоа и на приходите. Навивачите на Интер, на пример, лани се заканија дека нема да го бодрат тимот во финалето од Лигата на шампионите ако не добијат дополнителен број билети, а откако ги добија, ги препродаваат по астрономски цени.

Освен нив, на удар се и тренерот на Интер, Симоне Инзаги, потоа поранешниот стопер на „нераѕурите“ Милан Шкринијар и капитенот на Милан, Калабрија. Тие не се официјално обвинети, но преку нив одела комуникацијата меѓу навивачите и клубовите.