Советник од Центар бара 4 милиони денари за Работнички да не остане без кошаркари!
Тој преку социјалните мрежи објави дека ситуацијата во клубот е критична и дека поради финансиската криза се заканува можност клубот да остане без ниту еден кошаркар. Поради тоа, Матевски официјално побара од центарската локална самоуправа, која е целосен газда на Работнички, итно да прераспредели четири милиони денари со цел барем делумно да се „изгасне пожарот“.
„Читајќи ги медиумите за случувањата во Работнички, кој е во 100% сопственост на општина Центар и воедно за доцнењето на ваучерите од кои се финансираат спортските клубови решив да поднесам барање за прераспределба на средства за помош на клубот во износ од 4 милиони денари. Работнички не може да функционира и му се заканува сите играчи да ги раскинат договорите и со тоа да не може да се натпреварува, а што се казнува со казна играње во понизок ранг“, пишува во објавата на советникот.
Работнички речиси цела деценија се бори со финансиски проблеми, кои во еден момент достигна минус од 600.000 евра, кои потоа со неколку годишно домаќинско работење речиси се доведе до позитивна нула. Но, во последниот период дојде до нови финансиски проблеми, кои особено се присутни годинава, за што доказ е континуирано блокираната сметка. Според јавно достапните информации, сметката на центарски е блокирана во изминативе четири месеци (со исклучок на три дена во јули) што секако ја отежнува работата на челниците на 15-кратниот шампион.