И Ван Бастен удри по Тен Хаг: Ова што го прави е - идиотски

Легендарниот холандски напаѓач Марко ван Бастен изнесе низа критики на сметка на својот сонародник Ерик Тен Хаг.

Менаџерот на Манчестер Јунајтед долго време е под притисок поради очајните резултати, но клубот не може да го избрка затоа што во текот на летото не успеа да најде квалитетна замена, а ако му додели отказ, треба да му плати 21 милиони евра. Да биде иронијата поголема, не само што не го избрка, туку му овозможи уште многу пари за засилувања, па вкупната сума потрошени за нови играчи откако е дојден Тен Хаг изнесува 650 милиони евра. Сето тоа беше доволно само за еден пехар во Лига купот и еден во ФА Купот.

Сето тоа предизвика револт дури и кај Ван Бастен кој при својата анализа се осврна и на бадијала потрошените пари од Тен Хаг.

„Го гледам Јунајтед и го забележав тој новиот играч како се шета. Мануел Угарте, платен 50 милиони евра. Идиотски е колку инвестира Тен Хаг во фудбалери кои воопшто не се добри. Кажете ми барем еден врвен играч во Манчестер Јунајтед. Во секој клуб има барем еден таков, освен во Јунајтед. Рашфорд е лош, Бруно Фернандес е добар, Онана добар и тоа е тоа. Касемиро е готов, Гарначо солиден, но клубот нема ѕвезда во тимот“, рече Ван Бастен.

По шест кола од Премиер лигата, Јунајтед се наоѓа на 13. позиција на табелата со само седум бода, осум помалку од лидерот Ливерпул.