Одржан состанок во Хајдук, позната иднината на Гатузо

Претседателот на Хајдук Иван Билиќ и тренерот на тимот Џенаро Гатузо одржале разговор кој според информациите на хрватските медиуми траел час и половина. Во разговорот се поминале сите актуелни теми, а се зборувало и за иднината на италијанскиот стратег.

Состанокот поминал во позитивен тон и било договорено двете страни да продолжат заедно во новите предизвици кои го очекуваат Хајдук оваа сезона.

Ќе потсетиме, Гатузо во петокот по победата во дербито со Динамо Загреб отворено застана на страната на поранешниот директор Никола Калиниќ.

„За Никола Калиниќ не може да се каже дека е лажго. Тој ме убеди да дојдам во Сплит, му благодарам и оваа победа ја посветувам на него“, изјави Гатузо.

Калиниќ претходно го критикуваше првиот човек на клубот, па затоа и се најавуваше дека Гатузо е следен кој може да замине. Сепак, засега тоа нема да се случи.