„Партизан има кошаркар кој потсетува на Мекејлеб, но кој знае повеќе кошарка од него!“

Српскиот кошаркарски аналитичар, Милош Јовановиќ, направи интересна паралела помеѓу едно од најбомбастичните засилувања на Партизан летово, репрезентативецот на Јужен Судан, Карлик Џонс, со поранешниот македонски репрезентативец, Лестер Мекејлеб.

Според него, искусниот плејмејкер потсетува на нашиот Американец, кој беше херој во освојувањето на четвртото место на ЕП 2011 во Литванија, но повеќе знаел кошарка од него.

„Карлик Џонс ме потсетува на Лестер со тоа што Мекејлеб беше побрз, а овој знае повеќе кошарка. Се гледа дека Карлик има квалитет, има скил-сет кој можеби не е доволен за НБА, но кој е одличен за Европа“, смета Јовановиќ.

Мекејлеб играше за Партизан само во сезоната 2009/10, но навивачите уште се сеќаваат на него. Со „црно-белите“ освои тројна круна и играше на завршниот турнир од Евролигата.