Србија долго се мачеше, но го победи Јужен Судан
Во последното коло, „орлите“ го совладаа Јужен Судан со 96-85 и покрај тоа што долго време се мачеа против дебитантот на најголемата светска спортска манифестација. Србија доминираше во најголемиот дел од мечот и беше во водство, но африканската селекција не се предаде во ниеден момент и на секоја серија на противникот, одговараше со иста таква.
Сепак, во финишот до израз дојде искуството на српските кошаркари, како и подолгата клупа на селекцијата на Светислав Пешиќ. Суданците немаа одговор за Богдановиќ и Јокиќ, а во клучните моменти се разиграа уште Јовиќ, Мициќ и Петрушев и на крајот победата беше дури и убедлива.
Богдановиќ овојпат беше најефикасен кај Србите со 30 поени на кои додаде 8 асистенции, додека Јокиќ оствари дабл дабл со 22 поена и 13 скока. Кај Јужен Судан, Џонс и Шејок постигнаа по 17 поени.
Со оваа победа, Србија ѝ помогна и на Грција да се пласира во четвртфиналето, а актуелниот светски вицешампион во следната фаза ќе се сретне со Австралија. Јужен Судан не успеа да се избори за пораз до два поена разлика и го заврши својот настап на Олимписките игри како најслаба третопласирана репрезентација.