Беќаров повеќе не е тренер на Беласица

Непосредно пред завршувањето на есенскиот дел од сезоната во Втората лига, Беласица ја прекина соработката со досегашниот тренер Васе Беќаров.

Поранешниот селектор на македонската У17 репрезентација беше назначен за тренер на струмичкиот клуб пред почетокот на оваа сезона откако претходно шест години го водеше Кожуф. По 14 кола во Втората лига, Беласица е седмопласирана на табелата, но според бодовното салдо, поблиску е до местата кои водат во понизок ранг, отколку до првите две позиции.

Наследникот на Беќаров уште не е познат, но не е исклучено тој да биде назначен во текот на зимскиот период, односно по одигрувањето на последното коло од овој дел во Втората лига.