Ѓоковиќ го совлада Хуркач, но полуфиналето му зависи од - Синер!

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ во три сета го реши Хуберт Хуркач со 7-6, 4-6 и 6-1 за втора победа на завршниот турнир во Торино, но пласманот во полуфинале ќе му зависи од Италијанецот Јаник Синер кој веќе е пласиран и вечерва игра против Холгер Руне.

Хуркач се покажа како цврст ривал во првиот сет, па Ѓоковиќ го скрши неговиот отпор дури во тај-брејкот каде што беше подобар со 7-1.

Полјакот направи брејк во петтиот гем на вториот сет (2-3) и предноста ја задржа до крај, иако Ѓоковиќ имаше две брејк-топки, но не искористи ниту една од нив (4-6).

Ѓоковиќ беше фуриозен во третиот сет, каде што го декласира ривалот и со два брејка стигна до 6-1.

Оваа победа нема да значи ништо доколку Јаник Синер загуби од Холгер Руне. Доколку победи Италијанецот, тогаш Ѓоковиќ ќе игра полуфинале во Торино.