
Ѓоковиќ го тешеше Јокиќ: Не се грижи Никола, им докажа дека не се во право (ВИДЕО)
Тој во видео обраќање му честиташе за „историската сезона“ и му порача дека испишал спортска историја не само во САД, туку и ширум светот, што меѓу редови може да се сфати и како поддршка за неправедно загубената битка за МВП трофејот во најсилната лига на светот.
„Никола, честитки за уште една историска сезона. Им докажа на сите дека не се во право кога велеа дека не можеш да играш подобро отколку што играше во последните три или четири години. Сруши толку многу рекорди, испиша спортска и кошаркарска историја, не само во Америка, туку и низ целиот свет. Од нашата сакана и прекрасна Србија, ти испраќаме поздрави до Денвер, се надеваме дека ќе напишеш уште многу историја во годините што доаѓаат. Сè најдобро“, рече Ѓоковиќ.
Јокиќ се најде во најдобриот тим на НБА, иако не ја освои титулата за најкорисен играч (МВП), која оваа сезона му припадна на Шеј Гилџес-Александар и покрај фантастичната статистик – 29,6 поени, 12,7 скока и 10,2 асистенции по натпревар. Заедно со него, во првиот тим на НБА се најдоа и Шеј Гилџес-Александар, Џејсон Тејтум, Донован Мичел и Јанис Антетокунмпо. Во вториот тим, пак, се вклучени Џејлен Брансон, Еван Мобли, Стеф Кари, Ентони Едвардс и Леброн Џејмс.