Турските газди на Гостивар ја преземаат и Слога Виница

Македонскиот третолигаш Слога од Виница денеска доби нов стабилен спонзор, а тоа е турската компанија „Енес Уста“, која е сопственик и на прволигашот Гостивар.

Гостивар со помош на турскиот инвеститор успеа минатата сезона да обезбеди пласман во Првата македонска лига, а според информациите од Виница, планот е да ѝ се помогне на Слога да обезбеди место во Втората лига.

„Ни претставува огромна чест и задоволство да Ве информираме дека после неколку месечни преговори од страна на нашиот претседател Дејан Михајлов и Сашко Митев, член на Советот на општина Виница, помогнати од градоначалникот на општината Миле Петков и членовите на турската заедница во Виница, фудбалскиот клуб СЛога 1934 добива нов и стабилен спонзор. Договорена е соработка со ФК Гостивар со цел експресно враќање на клубот во Втората македонска фудбалска лига. Со ова се отвора ново поглавје во фудбалскиот клуб, но и спортот во Виница. Во периодот што следува ќе бидат подготвени и потпишани сите потрени документи за што дополнително ќе бидете известени“, соопштија од Слога Виница.

Слога Виница во моментов се наоѓа на четвртото место во Третата лига - Исток со осум освоени бодови.