
„Мотивирани сме пред мечот со Загреб, сакаме со позитивен резултат да ја почнеме ЛШ“
Кузмановски вели дека имаат максимална почит кон ривалот, но и дека се мотивирани, па сакаат да го почнат новото издание на елитното натпреварување со позитивен резултат.
„Среќен сум што ќе го пречекаме Загреб со најдобриот состав. Имавме неколку повредени ракометари кои изостанаа за пријателските натпревари и Суперкупот. Сега сите сме спремни за дуелот со Загреб. Лигата на шампионите сама по себе е голем мотив и ние ја заслуживме по ланската сезона. Максимално сме мотивирани, знам дека ќе имаме помош од нашите навивачи и очекувам полна сала. Максимално се подготвуваме и го респектираме Загреб. Не треба да зборуваме за нивната историја, мотивирани сме и сакаме со позитивен резултат да ја почнеме Лигата на шампионите. Загреб има искусни ракометари. Со Игор Карачиќ добија многу во нападот. Тој ќе ги спои бековите, искусен е, поминал многу и знае како се игра на Балканот. Сигурно ќе биде мотивиран заради неговото минато со Вардар, клуб со кој ја освои Лигата на шампионите. Сепак, нашиот фокус е на нашата игра, нашата одбрана. Мислам дека сезонава ќе бидеме многу посилни, засилувањата добро се вклопија и изградивме добар систем. Имаме позитивна атмосфера и тоа ќе биде клучот за наш успех в среда“, кажа Кузмановски.
Натпреварот се игра утревечер во Битола со почеток од 20.45 часот.