Младите Италијанци со играч помалку ја победија Македонија во Битола! (ФОТО+ВИДЕО)

Младинската репрезентација на Македонија го доживеа вториот пораз во квалификациите за Европското првенство откако денеска на стадионот „Петар Молошевски“ во Битола загуби со 1-0 од селекцијата на Италија.

По долги години Битола беше домаќин на натпревар на македонска фудбалска репрезентација, надежите до 21 година ја пречекаа Италија која беше голем фаворит во овој натпревар.

Италијанците подобро го почнаа мечот, нападнаа уште од самиот старт, но навивачите се надеваа дека работите може ќе се променат од 25. минута кога Моруци доби втор жолт картон и гостите останаа со фудбалер помалку.

Но и покрај таквиот однос на силите, Македонија продолжи да се брани, а Италија да напаѓа. Во 35. минута една топка дојде до Марианучи кој ја смести во голот на Василев за водство на Италијанците од 1-0.

 

До крајот на првото полувреме не се промени ништо, Италија беше поактивна, а Македонија се бранеше.

Со почетокот на второто полувреме се смени тактиката на Македонија, момците на Станиќ тргнаа многу поофанзивно барајќи израмнување, но тешко одеше.

Сериозна можност во 53. минута имаше Меметрица Хамза кој биеше силно од далечина, но голманот Мота го одбрани неговиот удар.

Македонија продолжи да напаѓа, но не создавовме ништо конкретно, нападите беа јалови без посериозни шанси за гол.

Италија знаеше како да го сочува водството, го направија тоа и на крајот заслужено се радуваа на трите бода од Битола.