Франција, Белгија и Португалија први обезбедија пласман на Европското првенство (ВИДЕО)

На три кола пред крајот на квалификацискиот циклус, познати се првите три репрезентации кои обезбедија пласман на завршницата од континенталниот шампионат, покрај домаќинот Германија.

Не е големо изненадување тоа што на Европското првенство ќе учествуваат Франција, Белгија и Португалија, три фудбалски велесили и едни од најсилните селекции во светот. Франција вечерва ја победи Холандија како гостин со 2-1, Белгија славеше против Австрија со 3-2, исто како и Португалија со Словачка.

 

 

Херој на Французите е Килијан Мбапе кој ги постигна двата гола против Холандија. Прво погоди во седмата минута, а за паметење е неговиот погодок во 53. минута. Десет минути подоцна Хартман го ублажи поразот на Холандија што беше прв примен гол на Франција во овие квалификации. Четата на Дидие Дешамп е со максимални 18 бода по шест натпревари, а Грција и Холандија во директен дуел в понеделник ќе одлучуваат за вториот патник од оваа група.

Белгија имаше комотни 3-0 на гостувањето во Австрија, но дозволи во финишот да стравува за победата. Лукебакио и Лукаку се погрижија за убедливо водство, но Кајмер и Забицер од пенал намалија на 3-2, па во последните десетина минути Белгијците ја спасуваа победата. Белгија сега има 16 бода, 10 повеќе од третопласираната Шведска на која ѝ преостануваат три натпревари до крајот. Блиску до пласман е и Австрија на која ѝ треба една победа во преостанатите два меча.

Португалија ја победи Словачка со 3-2 на крилјата на Кристијано Роналдо кој постигна два од трите гола. И тука гостинот опасно се доближи на десетина минути пред крајот, но не успеа да израмни. Португалија е со максимален биланс по седум одиграни натпревари и има 10 бода предност пред третопласираниот Луксембург.