Трагедија во Истанбул: Навивач на Ренџерс загина пред мечот против Фенербахче!

Навивач на шкотски Глазгов Ренџерс трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа во Истанбул, часови пред вечерашниот натпревар од осминафиналето на Лига Европа против Фенербахче (18.45 часот).

Иако веднаш бил пренесен во болница, тој им подлегнал на повредите во текот на ноќта. Ренџерс објави соопштение на социјалните мрежи, изразувајќи шок и тага.

„Скршени сме од веста дека еден од нашите навивачи го загуби животот во сообраќајна несреќа во Истанбул. Нашите мисли се со неговото семејство и пријателите во овие исклучително тешки моменти. Клубот останува во постојан контакт со турските и британските власти во врска со овој трагичен инцидент“, напишаа од шкотскиот тим.

Челниците на Фенербахче исто така упатија сочувство.

„Со длабока тага ја примивме веста дека навивач на Ренџерс, кој допатува во Истанбул за да го поддржи својот тим, трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа. Нашето искрено сочувство до неговото семејство, Ренџерс и нивната заедница“, беа зборовите на Турците.

Трагичниот настан го засени фудбалскиот спектакл, кој е прв од осминафиналниот двомеч помеѓу двата тима од Лига Европа.