Македонскиот кошаркарски проект КК Вардар второ коло по ред држи лекции!

Единствениот македонски прволигаш со 100% домашни кошаркари Вардар направи големо изненадување во второто коло од новата сезона во Првата македонска кошаркарска лига.

Во последниот меч од овој круг, „црвено-црните“ како гости во „Јане Сандански“ го победија Феникс со 80-71 и останаа една од четирите екипи во лигата со максимален ефект. Феникс минатата недела ја претставуваше Македонија во квалификациите за ФИБА Европа купот и сезоната ја дочека со високи амбиции, а голем дел од играчите на Вардар се голобради момчиња по 17-18 години, членови на македонските младински селекции.

Почетокот на мечот не најавуваше ваков епилог бидејќи по осум минути игра Феникс водеше со 16-6 што остана највисока разлика на натпреварот. Така беше и во вториот квартал, се до моментот кога Вардар со серија од 9-2 се избори за нерешен резултат на полувреме (32-32).

Контролата над резултатот Вардар ја презеде кон средината на третата четвртина, по 30 минути игра имаше предност од пет разлика (50-55) за Феникс да се врати во водство на четири минути пред крајот со 63-61. Клучна беше серијата од 10-2 со која на помалку од 100 секунди пред крајот Вардар отиде на недостижмни 76-67 што беше крај на сите надежи на Феникс.

Домаќините го завршија натпреварот со очаен шут за тројка (2/25), за разлика од Вардар чии играчи погодија 11. Капитенот Хусеин Бајрам (21 година) беше најефикасен со 28 поени, Митков додаде 19, а 17-годишниот Луканоски уште 11. На спротивната страна, Џо Рис одигра извонреден меч со 27 поени и 15 скока за индекс 41, но само уште Бојан Трајковски (22 поена, 8 скока) беше на негово ниво.

Интересно е тоа што Вардар во првите две кола преживеа две одлични изданија на противнички кошаркари. Во првиот круг против Охрид, тоа беше Бернард кој постигна 38 поени и индекс 34, а вечерва спомнатиот Рис.