Барселона ја победи Бенфика и собори рекорд на Јувентус

Барселона направи мало изненадување откако синоќа славеше на гостувањето кај Бенфика со 1-0 и си ја отвори вратата кон четвртфиналето од Лигата на шампионите.

„Каталонците“ притоа поставија рекорд на елитното натпреварување бидејќи станаа тим кој најдолго играл со фудбалер помалку, а сепак победил. Пау Кубарси беше исклучен во 22. минута поради старт над Павлидис на својата половина што значи дека Барса, формално, играла 68 минути со 10 фудбалери што е најдолг период за тим кој потоа дошол до победа.

Досегашниот рекорд го држеше Јувентус од дуелот против Валенсија во 2018 година. Тогаш торинскиот тим 62 минути беше со 10 фудбалери откако црвен картон доби Кристијано Роналдо на своето деби за Јувентус во Лигата на шампионите.

Ова може да се гледа и како антирекорд на Бенфика бидејќи португалскиот гигант стана тим кој најдолго играл со фудбалер повеќе на натпревар во Лигата на шампионите, а сепак доживеал пораз.