Осимен му изрази љубов на Наполи: Никој нема да застане меѓу нас

По бурната недела во која имаше од се по нешто меѓу Наполи и Виктор Осимен, нигерискиот напаѓач ја спушти топката и ја релаксира лошата атмосфера која предизвика тензија кај сите во и околу клубот.

Во објава на Инстаграм, Осимен напиша дека доаѓањето во Неапол во 2020 година била одлична одлука и дека нема да дозволи никој да застане меѓу него и Наполи.

„Луѓето во Неапол ми покажаа толку многу љубов и внимание и јас нема да дозволам ништо да застане меѓу нас. Страста на луѓето во Неапол го запалија огнот во мене, а придонесоа логото на клубот да го носам со гордост. Обвиненијата против жителите на Неапол се невистинити, имам многу пријатели наполитанци кои ги чувствувам како дел од моето семејство. Да продолжиме да шириме единство, респект и разбирање. Напред Наполи“, напиша Осимен.

Проблемите меѓу него и Наполи почнаа минатата недела кога тренерот Руди Гарсија го извади од игра во 86. минута од гостувањето кај Болоња откако напаѓачот претходно промаши пенал. Двајцата влегоа во вербална расправија, за неколку дена подоцна на профилите на Наполи на социјалните мрежи да излезат навредувачки видеа за Нигериецот. Сепак, тензијата полека се смирува во пресрет на важните битки на екипата во домашното првенство и Лигата на шампионите.