Сабаленка со страшен пресврт се пласира во финалето во Њујорк
Белорусинката, која оваа година веќе освои грен-слем, пред публиката во Мелбурн, сега ги имаше присутните на „Артур Еш“ против себе, бидејќи од другата страна на мрежата беше Медисон Кис. Американката која го игра инспиративно целиот турнир дополнително ја загреа публиката кога фуриозно го освои првиот сет со 6-0.
Сите беа подготвени да слават победа и сеамериканско финале, кога Медисон го зеде топчето да сервира при водство со 5-3 во вториот сет, но тука почна перипетијата во оваа драмска трочинка. Белорусинката ѝ го украде сервисот со 40-0, а потоа се избори за тајбрејк кој го доби со 7-1. Неизвесноста продолжи и во третиот сет, кој траеше преку еден час и повторно замина во тајбрејк, кој Сабаленка го доби со 10-5.
„Беше лудо, ништо не ми одеше од рака. Си велев, што можам да направам? Таа игра неверојатно, едноставно се и успева. Меѓутоа мора да продолжете да се обидувате, да останете таму и да притискате. Можеби ќе најдете начин да го свртите мечот. За среќа, некако магично, не знам како, успеав да направам пресврт“, изјави третата носителка по победата.
Пред да почне овој меч, веќе се знаеше дека САД ќе има една финалистка, па се очекуваше Кис да биде втората, откако Коко Гоф ја надигра Каролина Мухова во првото полуфинале со 6-4, 7-5. Ова е второ грен-слем финале за 19-годишната Американка, шеста на ВТА-листата, откако лани на Ролан Гарос загуби од Швјонтек. И Сабаленка првпат игра финале во Њујорк, а ќе ја брка втората титула од големите четири, по Австралијан опен, во јануари. Мечот за пехарот е утревечер од 22 часот по централно-европско време.