Во Сити знаеле за пресудата уште летоска, а сепак потрошија 450 милиони евра за засилувања
Според информациите на ESPN, раководството на Манчестер Сити било информирано уште во јули за одлуката на независната комисија, која подоцна го прогласи клубот за виновен за речиси сите точки од случајот.
И покрај сознанијата, клубот продолжил со планираната реконструкција на тимот. Сити ова лето двапати го собори својот трансфер-рекорд, најпрво со ангажманот на Елиот Андерсон, а потоа и со доведувањето на Енцо Фернандес. Вкупната сума потрошена за нови играчи достигна околу 450 милиони фунти. Случајот се однесува на 115 обвиненија за наводни прекршувања на финансиските правила на Премиер лигата. Според извештаите, независната комисија утврдила прекршувања во 113 од 114 точки за кои донела одлука, додека Сити и понатаму ја отфрла вината и најавува жалба.
Неизвесноста околу евентуалната казна дополнително ја усложнува ситуацијата. „Ројтерс“ наведува дека жалбената постапка може значително да го одложи изрекувањето на санкциите, додека извршниот директор Феран Сориано смета дека целиот процес може да трае уште години.
Претседателот на Манчестер Сити, Калдун Ал Мубарак, повторно ја истакна позицијата на клубот дека ќе продолжи со правната битка и дека неговата цел останува да ја докаже невиноста на Сити. Така, додека случајот влегува во нова фаза со очекувана жалбена постапка, Манчестер Сити веќе направи огромни инвестиции во составот, иако раководството, според наведените информации, уште во летото било запознаено со исходот од независната комисија.