Договорено е, Дембеле ќе потпише за ПСЖ до 2028 година!

Усман Дембеле и дефинитивно ќе ја напушти Барселона, откако „истенчени“ се сите детали поврзани со трансферот и меѓу клубовите и меѓу фудбалерот и неговиот нов клуб, ПСЖ.

Уште пред неколку дена излезе веста дека ПСЖ ќе ги плати бараните 50 милиони евра според клаузулата за откуп, а италијанскиот новинар Фабрицио Романо пишува дека уште во понеделникот францускиот тим ја активирал таа клаузула за да го ослободи фудбалерот.

Тие 50 милиони евра ќе одат главно за Барселона, но делумно и за фудбалерот и неговиот агент, Муса Сисоко. Дембеле ќе потпише петгодишен договор, до јуни 2028 година, a се очекува тоа да биде в сабота, откако утре ќе ги мине медицинските прегледи.

Ова е на некој начин повторување на историјата за фудбалерот кого Дембеле требаше да го замени во Барса - Нејмар. Разликата е во тоа што, во 2017 година ПСЖ плати налудничави 222 милиони евра за да ја активира откупната клаузула, а сега само 50 милиони. Толку ниска е откако минатото лето Дембеле се согласи да не си замине и да го продолжи договорот со Барса, но за возврат смалена му беше откупната клаузула.

Тој дојде од Борусија Дортмунд во август 2017 за 140 милиони евра, а во сезоните минати на „Камп ноу“ имаше повреди, отсуства и дури во последнава сезона одигра блиску до нивото кое се очекуваше од него. На 185 меча за Барселона во сите конкуренции постигна 40 гола и запиша 43 асистенции.