Барселона прифати да преговара со ПСЖ, има две сценарија за трансфер на Дембеле

Медиумите од Шпанија пренесуваат дека Барселона сепак прифатила да преговара со ПСЖ за трансфер на Усман Дембеле, целта е да се добијат повеќе од 25 милиони евра.

Усман Дембеле побара од Барселона да отвори преговори со ПСЖ и да пронајде договор за негов трансфер и во прв момент се пишуваше дека каталонците одбиле да го сторат тоа и инсистирале да биде платена откупната клаузула која уште денеска изнесува 50 милиони евра, од утре ќе чини 100 милиони евра.

Сепак, последните информации велат дека Барселона прифатила да седне на маса со ПСЖ и поставила рок од 5 дена да се пронајде компромис.

Се говори за две сценарија, клубот од Камп Ноу сака да заработи повеќе од 25 милиони евра, колку што ќе добиеше доколку денеска се активира откупната клаузула (останатите 25 милиони евра се за играчот и неговиот агент).

Едната опција е ПСЖ да плати повеќе од 50 милиони евра, но во никој случај да не плати 100 милиони евра (колку што ќе изнесува откупната клаузула од утре) па Барса да инкасира повеќе пари.

Втората опција е ПСЖ да плати 50 милиони евра (колку што изнесува клаузулата до денес) но најголемиот дел од оваа сума да заврши во сметката на Барса, а Дембеле да се откаже од добар дел од сумата која му следува.